Уредник на еден портал се заканува со убивање во Кочани

Мониторинг тимот на ЦИВИЛ пријавува дека се дојдени извештаи од набљудувачите на терен, како и од неколку граѓанки и граѓани за грубо кршење на изборниот молк и за притисоци и закани во Кочани.

Лидер на една политичка партија и пратеник од истата партија заедно со екипа на еден интернет портал го кршат изборниот молк, вршат притисок и се закануваат на Ромите во Кочани, се вели во извештаите од теренот.

Лидерот на политичката партија во еден момент пред полициската станица во градот нервозно се обратил до граѓаните од ромска националност со зборовите: „Видете ме добро, ние пак ќе се видиме, никој не ви се плаши“, откако неколку Роми му кажале дека не може со сила да ги натера да гласаат за нив.

Инаку, пратеникот и екипата од интернет порталот во иста кола денеска отидоа во ромското маало во Кочани, каде што ги снимаа граѓаните пред нивните домови. Штабот на една политичка партија всушност е дом на едно од лицата кои беа инволвирани во настанот, кој побара од пратеникот и новинарот да не го снимаат пред неговиот дом.

Уредникот на тој портал во едно вклучување во живо се заканил дека од Охрид директно оди во Кочани за да се пресмета со Ромите.

„Да видиме кој кого ќе убие, или тие нас или ние вас. Со едно 15 луѓе одам таму да видиме кои се тие. Ако треба и со тупаници ќе се пресметаме. Од никого не се плашиме“, вели уредникот на порталот.

Откако се пофалил дека со 15 силни луѓе оди во Кочани, по речиси еден час се појави видео каде што заедно со екипата на интернет порталот беше и лидерот на политичката партија и пратеникот.

Извор: Civil Media