Ванхојте со критики за оставката на Заев: Локалните избори не треба да влијаат на Владата

Белгискиот експерт Питер Ванхојте, кој беше ангажиран во процесот на преговори за Договорот од Пржино, го искритикува чинот на Зоран Заев кој најави оставка поради лошите резултати на локалните избори. Тој пишува дека е свесен за разочарувањето, но вели, исходот на локалните избори, не треба да влијае на Владата, која е избрана преку парламентарни избори. Ванхојте дополнително го критикува чинот на Заев бидејќи за тоа немал согласност од коалициските партнери.

„Се разбира, целосно го разбирам разочарувањето на господинот Заев – разочарувањето од функционирањето на сопствената партија, разочарувањето од немањето напредок во однос на влезот во ЕУ, разочарувањето од функционирањето на некои од неговите коалициски партнери… Така што сето тоа се валидни причини зошто премиерот може да одлучи да поднесе оставка. Но, ве молам, во таков случај, доколку сакате да поднесете оставка, информирајте ја јавноста дека одлучивте да поднесете оставка од лични причини“, вели Ванхојте.

Тој додава: „Замислете градоначалниците да поднесат оставки ако се разочарани од резултатот на националните избори“, потенцирајќи дека ја разбира разочараноста на Заев.

„Како премиер, никогаш не треба да одлучите да поднесете оставка освен ако вашите коалициски партнери не се согласат со тоа, како и со следните чекори, односно кој ќе ве замени како премиер“, додава тој.

Според Ванхојте, премиерот Зоран Заев и Владата треба да се фокусира веднаш на националните приоритети како економскиот развој и подобрување на здравствениот систем.

„Да, свесен сум дека повеќето политичари ги користат приватните клиники, наместо јавниот здравствен систем и како резултат на тоа, многу од нив дури и не знаат колку навистина е проблематична состојбата таму, поради недостиг на инвестиции и ниски плати за здравствените работници – подобрување на образовниот систем на сите нивоа и поддршка за развојот на перспективен земјоделски систем, дозволувајќи им на земјоделците да останат во нивните села и промовирање на производството и извозот на висококвалитетни производи во Европа, покрај тоа што му служи на локалниот пазар“, додава тој.

Во однос на спорот со Бугарија, смета дека не треба да се користат класични начини за медијација, бидејќи тоа нема да даде резултати.

„ Креативно овде значи различно, со фокус на реалните потреби на граѓаните на Северна Македонија и земајќи ги предвид заедничките интереси на Бугарија и Северна Македонија, како и учење да се разбере минатото и како да се остави зад себе“ посочи Ванхојте.

За него, од исклучителна важност е подобрување на целиот систем кој го нарече нефункционален, бидејќи се заснова на клиентелизам, односно, како што објасни: „Ако гласаш за мене, ако ме поддржуваш мене и мојата партија, ќе направам нешто за тебе за возврат (да ти дадам пари, работа, да се погрижиш твоето дете да добие диплома, да ти договори пензија итн.)“.

„ Клиентелизмот е некомпатибилен со функционална демократија, бидејќи не ги третира сите граѓани подеднакво“, додава Ванхојте.

Текстот Ванхојте со критики за оставката на Заев: Локалните избори не треба да влијаат на Владата е превземен од МАКФАКС.