Вечното дерби без победник, драмата пред 16.000 гледачи заврши 1:1

Вечното дерби меѓу Партизан и Црвена Звезда пред 16.000 гледачи заврши со поделба на бодовите, 1:1 во рамки на 9. коло од српската Суперлига.

На почетокот на мечот Звезда беше порасположена за надигрување, Катаи и Диониј се заканија, но сигурен беше домашниот голман Поповиќ.

По почетниот притисок, „црно-белите“ создадоа неколку шанси, а по една бравура на Бибарс Натхо во 36 минута на семафорот стоеше 1-0. Натхо го измами својот чувар по десната страна и откосо биеше на прва статива за радост на публиката на стадионот.

На почетокот на вториот дел уште еднаш се затресе мрежата на гостите. Вујачиќ шутираше, голманот Борјан кратко одби, а Рикардо Гомеш ја испрати топката во мрежата. Сепак голот е поништен по ВАР сигнализација затоа што имало офсајд.

Првпат во историјата на вечното дерби (денеска 165. по ред) се користи ВАР технологијата.

Во 82 минута Терзиќ можеше својот тим да го доведе до предност од 2-0, но не успеа во реализацијата. Казната стигна наредната минута.

По одличниот центаршут од левата страна, Александар Катаи кој имаше забележителна улога на мечот (погоди пречка со глава во првиот дел) биеше одблизу со глава и носи израмнување 1-1.

По 7 врзани победи на Партизан, „црно-белите“ доаѓаат до првото реми сезонава и остануваат на +2 бода за Црвена Звезда која има 6 победи и 2 нерешени.

Текстот Вечното дерби без победник, драмата пред 16.000 гледачи заврши 1:1 е превземен од МАКФАКС.