Весковски ќе поднесе тужба против ВМРО-ДПМНЕ за клевета: „Документите се фабрикувани, нецелосни и непотпишани“

Генералниот директор на „ЈП Водовод и канализација“, Душко Весковски, на прес-конференција ги отфрли обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ за реконструкцијата на улицата Варшавска. 

Документите што опозициската партија ги објавува на прес-конференции, според директорот Весковски, се фабрикувани, нецелосни и непотпишани, а со нив ВМРО-ДПМЕ манипулира. Весковски тврди дека објавените документи не се однесуваат на предметната јавна набавка и истите се прикажуваат за да се креира конструкција за незаконско работење со цел негова лична дискредитација во пресрет на локалните избори.

Директорот истакна дека целокупната документација за оваа јавна набавка веднаш ја става на располагање на надлежните органи, а воедно ќе поднесе кривична пријава за лажно пријавување и тужба за клевета.

„Хронолошки со приложена документација во целост на јавноста ви ја прикажувам законски спроведената јавна набавка:

Број 1 – Предметната јавна набавка е започната во 2019 година по што е склучена рамковна спогодба со 5 најреномирани фирми од областа на нискоградбата во државата.

Број 2 – Во месец јули од Општина Карпош е издадено одобрение за реконструкција на водоводната и канализациска мрежа.

Број 3 – По добиеното одобрение е започната постапка за негативно аукциско наддавање, на која учествувале сите 5 фирми. Како најповолен понудувач е избрана посочената фирма КБК инжинеринг по повеќекратно намалување на почетната цена. Ниту во тој момент а ниту до ден денес ниту еден од учесниците во јавната набавка не вложил жалба на спроведената јавна набавка.

Број 4 – По завршената негативна аукција на 9.10.2020 година склучен е договор со посочената фирма по што истата е воведена во работа. На 30.10.2020 година завршена е реконструкцијата на канализациската мрежа а на 25.12.2020 година е завршена реконструкцијата на водоводната мрежа. За изведените градежни работи уредно се водени градежни дневници и книги, потпишани од овластен надзор и техничко лице. Во прилог ви ја доставувам на увид градежната документација“, рече Весковски.

Според него, единствен повод за грубите манипулации за негова лична дискредитација е убедливото водство и високиот рејтинг на сите анкети, вклучително и анкетите на ВМРО ДПМНЕ во трката за градоначалник на Општина Карпош.

Текстот Весковски ќе поднесе тужба против ВМРО-ДПМНЕ за клевета: „Документите се фабрикувани, нецелосни и непотпишани“ е превземен од МАКФАКС.