Вицепремиерот Битиќи на Меѓународниот саем во Тирана 2021

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денеска го посети “Меѓународниот саем во Тирана 2021” кој е во организација на “групацијата Клик Експо” во соработка со градот Тирана, Стопанската комора на Албанија и Коморскиот инвестициски форум за Западен Балкан и е во рамките на иницијативата “Отворен Балкан”, кој се одржува од 1-4 декември со слоган “Еден Балкан, посилен Балкан”, а на кој изложуваат над 500 компании од сите земји на Западен Балкан и други 25 земји од светот.

Вицепремиерот Битиќи, по обиколката на штандовите на саемот, потенцираше дека ваквите настани, на кој заеднички се презентираат производите и услугите на компаниите од нашиот регион, може да придонесат да се зацврсти и засили економската соработка во Западен Балкан, но и да се подигне конкурентноста на самиот регион.

“Поголема конкурентност на Западниот Балкан, наместо создавање на конкуренција помеѓу земјите, значи подобра соработка, стабилен и поатрактивен регион, поголеми можности за привлекување на инвестиции и овозможување на подобри работни места за сите наши граѓани. Заеднички треба да продолжиме да работиме во насока на уште подобра соработка на регионално ниво, да донесеме мерки со кои ќе ги унапредиме меѓусебните економски односи, а со тоа да дадеме сигнал за стабилен и сигурен регион, отворен за нови инвестиции и олеснување на сите трговски процеси”, нагласи вицепремиерот Битиќи за време на посетата на “Меѓународниот саем во Тирана”.

Вицепремиерот Битиќи се сретна и со претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески и притоа му честиташе за наградата на комората „Дигитален шампион“, за проектот за дигитализација на процесите и издавање е-документи од страна на Комората, што им се потребни на македонските компании во надворешно-трговското работење, добиена од Светската трговска организација (WTO), Mеѓународната стопанска комора (ICC) и Меѓународниот центар за трговија (ITC).​

Текстот Вицепремиерот Битиќи на Меѓународниот саем во Тирана 2021 е превземен од МАКФАКС.