(Видео) Антовски: Историјата не памети вакви „шампиони“ во енергетиката

Владата предводена од СДСМ и ДУИ, со огромна леснотија ја лажат македонската јавност дека имаме и ќе имаме сопствено производство на електрична енергија во следната година, обвини на денешната прес-конференција, Стевче Антовски, член на комисијата за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ.

„Дури одат до таму со изјавите дека ќе произведуваат и вишок на струја со која ќе му помогнат на стопанството, односно ќе му понудат поевтина струја од струјата на отворениот пазар. Ова е повеќе жално отколку смешно, затоа што АД ЕЛЕМ не е во состојба да ги исполни и законските обврски кон ЕВН ХОМЕ за што троши огромни милионски суми народни пари за увоз на електрична енергија“, посочи Антовски.

Тој се осврна и на најавите од Владата дека се планираат подготовки за набавка на јаглен од Косово за наредните 5 години, според кои секоја година Македонија ќе набавува од Косово, како што рече, неверојатни 3 милиони тони јаглен.

„Вакви ‘шампиони’ во енергетиката како што сами си се нарекуваат, историјата не памети. До вчера се изнаслушавме за нивното лидерство во енергетската транзиција од фосилни во обновливи извори на енергија, за нивните планови за затворање на РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј, а токму сега кога се соочуваме со енергетска криза тие ќе договараат увоз на јаглен за потребите на РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј и тоа за наредните пет години од соседно Косово. Наместо тоа, требаше да се погрижат за нашите рудници и да отворат нови да имаме сопствени инвестиции, нови вработувања и производство на електрична енергија од сопствен јаглен“, нагласи Стевче Антовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Текстот (Видео) Антовски: Историјата не памети вакви „шампиони“ во енергетиката е превземен од МАКФАКС.