(Видео) Арсовски: Од извештаите на надзорната фирма се гледа дека на 20 август водоводот на „Варшавска“ бил завршен

Од извештаите на надзорната фирма се гледа дека на 20 август водоводот на ул. Варшавска бил завршен, ова е уште еден доказ дека Весковски и Шилегов работеле без тендер, истакна на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

Тој рече дека во извештајот јасно пишува дека инвеститор е ЈП „Водовод и канализација“, а изведувач е „Кодинг“. На истиот документ јасно пишува од страна на надзорот, дека на 12 август изведувач е „Кодинг“ и веќе на тој истиот датум е стигнато и изведено до точка 18 согласно планот за активности. Она што е уште поголем доказ дека фирмата работи без тендер, вели Арсовски, е тоа што јасно надзорот посочува, потенцира и пишува дека нема договор со изведувачот. Надзорот исто така наведува дека на 20 август водоводот се завршува и потоа отпочнала со реконструкција на канализациската мрежа.

„Ова е прилично сериозен доказ, којшто верувам дека ќе се обидат да го објаснат и институциите, но и ЈП ‘Водовод’. Уште еден доказ дека без тендер е работено на ул. Варшавска е што на реконструкцијата на водоводната мрежа е покренатата дисциплинска постапка против работници кои  на 20 август се фатени дека не се на своето работно место, односно истите се седнати во кафеана. Истата дисциплинска постапка е реализирана и работникот  е казнет од страна на директорот на ЈП ‘Водовод’ со 20% казна на плата еден месец. Ова е и можеби најголемиот апсурд во целиот овој случај,  казнет е работник на ЈП ‘Водовод’ од страна на директорот со 20% на плата еден месец за работа,  односно на работно место каде што се реконструирала мрежа, а немало ниту избор на најповолен понудувач, односно немало тендер“, рече Арсовски.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека главната суштина е прекршување на Законот, односно кривичното дело согласно член 353, каде што  Шилегов – Весковски наместиле тендер за фирмата КБК „Инженеринг“ и „Кодинг“.

„Бидејќи институциите спијат, целокупната документација што ја објавувавме на прес-конференции овие денови, но и онаа којашто не ни е објавена, а има прилично обемна документација, заедно со кривичната пријава, којашто веќе е подготвена од страна на правниот тим на ВМРО-ДПМНЕ, ќе ги поднесеме утре до Јавното обвинителство во име на ВМРО-ДПМНЕ, односно до секторот за организиран криминал“, изјави Арсовски.

Текстот (Видео) Арсовски: Од извештаите на надзорната фирма се гледа дека на 20 август водоводот на „Варшавска“ бил завршен е превземен од МАКФАКС.