(Видео)Димковски го презентираше буџетот за агросекторот за 2022 година

Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски го презентираше Буџетот за агросекторот за 2022 година.

“Вкупниот буџет за 2022 година за секторот земјоделство, што подразбира неколку институции изнесува околу 9,13 милијарди денари. Во оваа сума спаѓаат основните буџети на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството, Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот инспекторат за земјоделство, Државниот инспекторат за шумарство и ловство и Управата за хидрометеоролошки работи.”изјави Димковски

Основниот буџет на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за 2022 година е проектиран на 2,025 милијарди денари. Средствата од буџетот ќе овозможат континуитет во реализирањето на мерките и политиките за развој на земјоделскиот сектор. Најголемата сума во износ од 1,27 милијарди денари од буџетот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, е наменета за Управата за водостопанство.

„Веќе неколку години го потенцираме значењето на обезбедување услови за развој на стабилно, конкурентно и модерно земјоделско производство. Тоа не е можно без вода. Затоа, и во 2022 година, продолжуваме со инвестиции во водостопанството кои опфаќаат продолжување на започнатите проекти и изградба на нови системи“, потенцираше Димковски.

Тој изјави дека сите започнати проекти од областа на водостопанството, ќе продолжат и во наредната година според динамиката на градба, потенцирајќи дека Браната „Конско“ ќе биде завршена.

Димковски најави дека во 2022 година ќе започне нов проект – Програма за наводнување на Северна Македонија, во износ од 10 милиони денари.

Додаде дека во 2022 година, Агенцијата ќе располага со 6.14 милијарди денари од кои околу 5,6 милијарди денари се наменети за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој или подетално околу 4,5 милијарди денари се наменети за редовна исплата на субвенциите и 1,15 милијарди денари за капиталните инвестиции во руралниот развој.

Овие средства ќе овозможат континуирано реализирање на Програмата за финансиска поддршка во руралниот развој, програма во која се инкорпорирани и популарните мерки како што се „Млад земјоделец“ и „Рурална жена“.

“Во буџетот за 2022 година планирани се средства во износ од 500.000.000 денари за современа рурална инфраструктура. Овие средства се наменети за проекти за локална патна инфраструктура, водоснабнителни и канализациони системи, опрема за детски, младински или пензионерски културни центри, означување на културни и природни знаменитости во рурални средини, одбележување и унапредување на планинарски и велосипедски патеки и други проекти значајни за локалниот развој.” изјави Димковски

Заменик-министерот Димковски на крајот од своето излагање потенцираше дека буџетот за агросекторот за 2022 година е креиран домаќински, без непотребни трошоци и со силен стимулативен ефект за, развој и заштита на земјоделското производство и приближување до европските аграрни политики.

Текстот (Видео)Димковски го презентираше буџетот за агросекторот за 2022 година е превземен од МАКФАКС.