(Видео) Ивановски: Изградбата на државната инфраструктура во целосен колапс

СДСМ во последниве 5 години по трет пат формира старо-нова влада и по трет пат во владината програма ветува изградба на инфраструктурни проекти кои во реалноста и не се случуваат. Ниту пак меѓувремено оние проекти започнати од претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ добиле некаков прогрес во нивната реализација, вели
Синиша Ивановски од ВМРО-ДПМНЕ.

„СДСМ Ветија изградба на Коридорот 8, тука пред се мислат на Тетово – Гостивар проширување до ниво на автопат, потоа изградба – завршување на автопатот од Кичево – Охрид, како и автопат од Требеништа до Струга и Ќафасан. Потоа ветија железничкото поврзување од Куманово до Крива Паланка па се до границата со Бугарија, целосна реконструкција и доизградба на коридорот 10 и неговиот крак 10-Д, тука пред се мислат на експресниот пат од Градско до Прилеп како и автопатот од Прилеп до Битола и понатаму до границата со Грција. И ова се добро звучи на хартија, ова е лесно да се стави во владина програма но кога ќе дојдеме до оперативно реализирање на ветените инфраструктурни проекти сфаќаме дека си имаме работа со СДСМ, си имаме работа со нивната нестручност, нивната инертност, и нивната неможност да ја градат државната инфраструктура“, нагласи Ивановски.

Македонија, смета Ивановски, ниту има капацитет финансиски во две години да ги изгради или пак паралелно да ги гради сите овие инфраструктурни ветувања, ниту пак има капацитет на градежната оператива во државата за да се направат сите овие делници.

„Како пример ќе наведам еден голем шопинг мол во Скопје кој што неодамна се градеше, истиот тој сериозно ја подзакочи целата оператива во оваа држава, па затоа за да се заврши овој шопинг мол имаше потреба да се носат градежни екипи од државите до Македонија. И понатаму останува енигма за оваа власт, тие наместо да работат ветуваат само завршување, даваат рокови, а првиот беше во 2019-та година и не го остварија. Сами дадоа нов рок 2021 година и се разбира и тој е пробиен, а како може да запазиме некој рок, како можеме да реализираме инфраструктурен проект ако на терен не се случуваат никакви градежни активности“, истакна тој.

Оценува дека СДСМ и изградба на државната инфраструктура, која е од интерес на државата, на граѓаните, на економијата, од интерес на туризмот, безбедноста и СДСМ не одат заедно. Меѓутоа, како што додаде, СДСМ и неработење, СДСМ и анекси, пробиени рокови, тоа оди заедно.

Текстот (Видео) Ивановски: Изградбата на државната инфраструктура во целосен колапс е превземен од МАКФАКС.