(Видео) Коалициските партнери на СДСМ: Мнозинството во Собранието е стабилно

На покана на премиерот Зоран Заев во Владата се одржа средба на претставници на сите политички партии што го сочинуваат парламентарното мнозинство.

Од Владата соопштија дека сите партнери од парламентарното мнозинство биле присутни на средбата и ѝ изразиле поддршка на Владата.

„Парламентарното мнозинство е стабилно и одговорно кон иднината на државата и народот“, се согласиле коалициските партнери.

Како што соопшти Владата, заеднички било констатирано дека на Северна Македонија и на граѓаните на земјата не им се потребни предвремени парламентарни избори и дека такви избори единствено би ја втурнале земјата во политичка, економска, општествена и безбедносна криза, но исто така ќе ги закочат и процесите на европските интеграции на Северна Македонија.

„Коалициските партнери од парламентарното мнозинство се едногласни дека на Северна Македонија ѝ е потребна Влада што испорачува резултати од интерес на граѓаните, особено во време на пандемијата и енергетска криза, со јасен евроатлантски курс на дејствување“, се наведува во соопштението.

Средбата следува по оставката на Заев што ја поднесе синоќа по објавување на првичните резултати од локалните избори.

Текстот (Видео) Коалициските партнери на СДСМ: Мнозинството во Собранието е стабилно е превземен од МАКФАКС.