(Видео) Кочоска-Димитриеска: Првпат во историјата РЕК „Битола“ е надвор од функција среде грејна сезона

РЕК Битола, капацитет кој е ‘рбетот на енергетскиот систем на земјата и гарант дека државата нема да остане без струја, заради неспособноста на Владата од утрово е надвор од функција, обвини Гордана Кочоска-Димитриеска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Таа посочи дека ова е првпат во историјата на рударско енергетскиот комбинат да биде надвор од функција среде грејна сезона.

„Откако пред неколку дена се запали трансформатор на блок 3, утрово има проблеми и со блок 1. РЕК за првпат по години не произведува струја и тоа не е непланирано, туку од неспособност во сред енергетска криза, кога цените на струјата на светските берзи рушат рекорди“, рече претставничката на ВМРО-ДПМНЕ.

Кочоска-Димитриеска предупреди дека државата скапо ќе ја чини неработата на РЕК.

„Без РЕК Битола, хидроакумулациите и другите капацитети на ЕЛЕМ не се доволни за да ги задоволат потребите за струја на земјата. Дури и со санирање на оштетувањата, РЕК има проблеми, на депонијата, како што официјално кажаа од власта има само 40.000 тони јаглен, тоа е гориво потребно само за 2-3 дена и тоа без комплетна работа на сите три блока. Со промената на власта во 2017 година започна пропаста на електоенергетскиот систем во Македонија, пропаста на гигантот ЕЛЕМ и МЕПСО. Енергетските претпријатија се користеа за испумпување на пари преку тендери, за набавка на несуштински работи, а не се инвестираше во нови машини, нова механизација, во ископ на јаглен и во пронаоѓање на нови наоѓалишта“, рече Кочоска-Димитриеска.

Според неа, криминалот и неспособноста на власта креирале енергетска криза која, како што кажа, ќе заврши со тешка финансиска криза, но предупреди дека за целата ситуација некој ќе треба за многу брзо да понесе одговорност.

Текстот (Видео) Кочоска-Димитриеска: Првпат во историјата РЕК „Битола“ е надвор од функција среде грејна сезона е превземен од МАКФАКС.