(Видео) Ковачевски: Градиме нова политичка култура со транспарентност и отчетност

Премиерот Димитар Ковачевски денеска имаше свое обраќање на конференцијата за промоција на петтиот Национален акциски план за Партнерство за отворена власт 2021-2023.

Во обраќањето тој порача дека Владата е во тесна и продуктивна соработка со граѓанскиот и бизнис секторот и останува максимално посветена на имплементација на принципите за отворена власт.

„Горди сме што сме на прво место по отвореност и транспарентност во регионот. Да се биде на последно место во 2016 година, да се стигне до првото место и да се задржи првото место три години по ред, значи волја, одлучност, посветена работа и одговорност“, истакна премиерот.

Посочи и дека со креацијата на петтиот Национален акциски план, се прави голем чекор напред.

„Со досегашните 4 национални акциски планови спроведовме над 50 мерки и активности кои директно влијаат врз остварувањата на правата на граѓаните и го подобруваат нивниот статус.

Во новиот национален акциски план се фокусираме на заложби кои ќе водат кон унапредување на транспарентноста и отчетноста, борбата против корупцијата, достапноста и квалитетот на јавните услуги, пристапот до правда и заштитата на животната средина и климатските промени.

Комплементарен на овие заложби е и процесот на дигитализацијата преку вградување на можностите кои ги нудат напредните технологии. Дигиталните технологии ни овозможуваат консултациите со граѓаните и граѓанскиот сектор да бидат секојдневна и редовна појава. Ниеден политичар повеќе нема оправдување дека немал доволно време или шанса да се консултира со сите заинтересирани страни. Денес, тоа е полесно од кога било досега“, нагласи премиерот Ковачевски додавајќи дека сето она што го посочил Владата го прави во интерес на граѓаните, медиумите и во интерес на граѓанското општество.

Текстот (Видео) Ковачевски: Градиме нова политичка култура со транспарентност и отчетност е превземен од МАКФАКС.