(Видео) Ковачки: Народот е за нов правец, aјде Заев на избори

Зоран Заев ја заглави државата во систематска криза – енергетска, здравствена и економска, обвини на денешната прес-конференција Драган Ковачки, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Како што рече тој, Заев и Владата се причината за сите неуспеси што ни се случуваат изминативе години и тие не може да бидат решение.

„7.000 луѓе починаа од Ковид-19, имаме најголема смртност во Европа, 14 луѓе живи ни изгореа, вакцини немавме, над 60.000 луѓе останаа без работа, 5.600 фирми ставија клуч на врата, Македонија е на врвот на листата по перцепција за корупција на ‘Транспаренси’. Државата тоне со СДСМ“, нагласи Ковачки.

Претставникот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека народот на изборите во неделата јасно се изјаснил за промени.

„Народот избра нов правец и таквата негова волја најдобро ќе се ефектуира со нова прераспределба на силите во Собранието, преку нови предвремени избори и нова влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ“, рече Ковачки.

Во продолжение тој наведе неколку причини зошто се потребни брзи предвремени избори, при што како клучни ги истакна решавање на енергетската криза од страна на компетенти луѓе, ефикасно справување со ковид-кризата, забрзување на процесот на интеграција во Европската Унија и заздравување на економијата и развој на државата.

„Над 50.000 гласа е разликата на советничките листи помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и Социјалдемократскиот сојуз. Имаме нова ситуација на терен и таа мора да биде застапена и во Собранието. Само со нови избори волјата на граѓаните ќе биде пресликана и во Собранието и само така ќе имаме стабилна влада според волјата на народот“, истакна членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Ковачки.

Текстот (Видео) Ковачки: Народот е за нов правец, aјде Заев на избори е превземен од МАКФАКС.