(Видео) Кузеска: Анкетата на Брима потврди – СДСМ е победник на локалните избори

Анкетата на Брима потврди, СДСМ е победник на локалните избори, претседателот Заев со најголема доверба од граѓаните, изјави Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.

„На прашањето „доколку денеска се одржат парламентарни избори за која политичка партија или коалиција би гласале?“ 19,5 отсто од испитаниците се изјасниле за СДСМ, а 17,5 отсто за ВМРО-ДПМНЕ. Претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев и натаму е политичар со најголема доверба од граѓаните со рејтинг од 11,8 отсто, додека Христијан Мицкоски има само седум отсто“, рече Кузеска.

Според неа, за првпат откако Брима ги прави својот политички Барометар, односно од 2005 година, ВМРО-ДПМНЕ има најслаб резултат на овие анкети.

„Тоа само потврдува дека граѓаните се силно против деструкциите, лажните вести и блокадите на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Граѓаните прават јасна разлика помеѓу одговорното, отчетно и домаќинско работење на СДСМ и деструктивното антинародно дејствување на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Кузеска.

Текстот (Видео) Кузеска: Анкетата на Брима потврди – СДСМ е победник на локалните избори е превземен од МАКФАКС.