(Видео) Мадиќ: СДСМ поставува нови стандарди на македонската политичка сцена

СДСМ поставува нови, највисоки стандарди на македонската политичка сцена. Денеска се одржуваат вонредните внатрепартиски избори за претседател на СДСМ, истакна на прес-конференција Викторија Мадиќ, претседателка на Централната изборна комисија на СДСМ.

Информирајќи за текот на гласањето истакна дека сите 194 гласачки места во 80 општини биле навремено отворени.

„Гласањето на сите гласачки места се одвива непречено, без застои, во демократска атмосфера и со почитување на мерките за заштита од Ковид-19“, додаде таа.

Според Мадиќ, членовите кои не успрале да се регистрираат за време на предвидениот рок, денеска се регистриаат на гласачките места, по што можат да го остварат своето право на глас.

„Сите членови на СДСМ со електронска членска картичка имаат право на глас. За 3 часа од отворањето на сите избирачки места излезноста е 12 отсто што е добар податок“, рече Мадиќ.

Објасни дека гласачките места се отворени до 19.00 часот до кога и трае гласањето.

„По затворањето на гласачките места и по обработка на пристигнатите податоци, вечерва, ќе се обратиме повторно до јавноста, со сумарни информации, по што ќе ги соопштиме и резултати за вонредните внатрепартиски избори“, информираше претседателката на Централната изборна комисија на СДСМ.

Текстот (Видео) Мадиќ: СДСМ поставува нови стандарди на македонската политичка сцена е превземен од МАКФАКС.