(Видео) Мицкоски го повика Заев да ја разбере пораката и да поднесе оставка

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски прогласи победа по вториот круг од локалните избори. Тој кажа дека не треба да се заборави поткупот, насилното однесување, заканите и уцените, кои според него, ги имало.

Според Мицкоски победата во Битола на ВМРО-ДПМНЕ е со повеќе од 3.000 гласови разлика, но и во Брвеница, Василево, Вевчани, Гевгелија со повеќе од 2.00 гласови разлика, Демир Хисар, Зелениково, Конче, Кочани, Кратово. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кажа и дека партијата има победа во Лозово, Македонска каменица, Македонски брод. За Охрид кажа дека ВМРО-ДПМНЕ победила со повеќе од 4.000 гласови разлика. Победа според него има и во Пехчево, Радовиш, Ресен, Чешиново-Облешево, Ранковце. Мицкоски кажа дека Стевчо Јакимовски како коалиционен партнер, победил во Карпош. На крајот, ја честиташе победата на Данела Арсовска како независен кандидат за Скопје.

„ Промените започнаа од вечерва. Сите заедно за нова иднина, заеднички и сложно да го оствариме сонот за кој 30 години сонуваме а никако да го постигнеме. Кажете им на сите граѓани од сите краеви. Ова е денот од кога почнуваат промените. Промените за обединување, подобар живот, силен стандард, промени за иднина за која се бориме, ова е убедлива победа, победа на народот на Македонија. Им благодарам на сите што гласаа и сите кои не гласаа, а чија доверба ќе ја бараме. Една е за сите нашата Македонија, сплотена и заедничка. Заедно успеавме да ги победиме. Успехот е можен затоа што е вербата е сигурна. Благодарност до Алијанса на Албанците, Левица на Димитар Апасиев, сите заедно срушивме бариери и докажавме дека широка опозиција е возможна. Покажавме дека и покрај разликите сепак можеме да се обединиме околку заедничка цел, Македонија без корупција која ќе се развива и ќе оди напред, Македонија интегрирана во ЕУ, тоа докажува дека еден опозициски блок е сосема извесен и тој ќе донесе огромна промена на следните парламентарни избори, за кои веројатно е дека ќе бидат предвремени. Благодарност до ЛДП/ДОМ кои оставија на демократски начин, граѓаните да си ја кажат својата волја“, кажа Мицкоски.

Мицкоски побара од премиерот Зоран Заев да се повлече и да замине, заедно со како што рече, 30 лица од СДСМ: „Не треба само Заев да си оди туку и заевизмот“. Мицкоски порача дека нема да ги разочара граѓаните.

„Власта е делегитимирана. Тоа е новата реалност која треба да се рефлектира во парламентот. Но најдобро би било тоа да биде преку предвремени избори. Сакам да се обратам до мојот политички противник, до Зоран Заев. Сакам да го замолам да размисли добро кои ќе бидат следните чекори, да се надмине себеси и да го направи најдоброто за Македонија, да ја разбере пораката, а тоа е дека е доста и дека треба да замине“, рече Мицкоски.

Текстот (Видео) Мицкоски го повика Заев да ја разбере пораката и да поднесе оставка е превземен од МАКФАКС.