(Видео) Мицкоски: Некои не можат да разберат дека ВМРО е емоција од која трепери срцето

ВМРО-ДПМНЕ имаше сериозна ерозија во 2017 година и беше неоправдано стигматизирана како радикална структура која е произведувач на конфликти, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во говорот во рамки на затворениот дел од партискиот конгресот.

„На извесен начин партијата беше меѓународно изолирана, со многу проблеми во комуникацијата со државите кои беа стратешки партнери на Македонија. Имавме и сериозен проблем поради потребата од сериозни кадровски и структурни промени. Пред 4 години најчестите квалификации кои партијата ги добиваше од пошироката јавност беше ‘најбогатата партија во источна Европа’, седиштето се ословуваше како ‘белиот дворец’, а внатре кабинетите велеа дека се од злато и што уште не“, истакна Мицкоски доавајќи: „Јас поминав како претседател четири години во ВМРО-ДПМНЕ ама уште кабинети од злато не видов, а сметката на партијата никогаш не беше попразна.

Сепак, како што рече Мицкоски, откако застанал на чело на партијата во седиштето немало ништо друго освен ентузијазмот на тие што почнале заедно да работат дури и за време на викендите.

„Многумина мои блиски пријатели кои се надвор од светот на политиката кога им ја соопштив намерата дека планирам да се кандидирам за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, а сите од нив знаејќи ја состојбата во која се наоѓаше партијата, тогаш ми велеа дека не ми треба таа главоболка, дека имам успешна кариера и дека Европа, светот ни стои пред нас за освојување, работа, нови предизвици и такво редење на, како што нашиот народ вели, во здрава нога трн, ми е најмалку потребно“, нагласи Мицкоски според кого луѓето однадвор не можат да ја разберат емоцијата и чувствата кои ги имамаат тој и неговите сопартијци кон зборот ВМРО од чие изговарање, како што рече, затреперува срцето.

Мицкоски додаде дека кога било најтешко имало луѓе кои верувле во него и го поддржувале во намерата ВМРО-ДПМНЕ да се реформираме и да се врати на победничките патеки.

„Во Валандово од збор до збор се сеќавам на мојот говор со кој ја поставив дилемата дали ќе успееме и дали ние ќе бидеме генерацијата која ќе донесе промени и придвижување на Македонија. Четири години подоцна ќе дадам одговор на оваа тогашна дилема. Сега знам дека ќе успееме. Повторно вложувајќи го сето наше знаење и способност ќе успееме затоа што нашата желба за успех е поголема од опцијата да доживееме неуспех, и затоа што поразот не е опција кога влогот е Македонија“.

Текстот (Видео) Мицкоски: Некои не можат да разберат дека ВМРО е емоција од која трепери срцето е превземен од МАКФАКС.