(Видео) Новиот албум на Адел – емоции и брилијантнa музика

Поп-дивата Адел во петокот го објави својот прв албум по шест години, освојувајќи ги подеднакво критичарите и фановите со дело за кое рече дека го направила за да му го објасни на својот мал син разводот низ кој помина, пренесуваат британски медиуми и потсетуваат дека таа се разведе од сопругот Сајмон Конеки во 2019 година.

Многу очекуваниот „30“ е четвртиот студиски албум на Британката, чии балади за раскинувања, жалење и носталгија ја направија една од најуспешните пејачки-текстописци на сите времиња.

Во нивните рецензии, критичарите ја пофалија искреноста на албумот, во кој Адел се отвора со прекрасни гласовни ноти снимени со нејзиниот син Анџело (9).

„Таа никогаш не звучела пожестоко отколку во „30“ – поживо кон сопствените чувства, повиртуозна во преточување на чувствата во песни за клучот на својот живот“, напиша Роб Шефилд од магазинот „Ролинг Стоун“ во својата рецензија со пет ѕвезди, додавајќи дека албумот е најдобар на Адел досега.

„30“ го следи „25“ и, како и нејзините претходни албуми, е насловен по возраст пресвртница во животот на пејачката на вечните хитови Someone Like You и Hello.

Поп-дивата го направи својот камбек во музиката минатиот месец со Easy On Me, моќна балада со пијано придружба. Брзо се најде на врвот на топ листите низ светот.

Очекувањата за „30“ се прилично големи, пишуваат медиумите, а некои од нив издавањето на овој албум го сметаат за музички настан на годината.

Фановите веќе ги преплавија социјалните мрежи со пофалби. „Не можам да се наситам од „30“ на Адел, толку емотивно брилијантно, и вредеше да се чека шест години“, напиша еден корисник на Твитер.

„Една секунда од албумот на Адел и веќе го сакам“, твитна друг.

Текстот (Видео) Новиот албум на Адел – емоции и брилијантнa музика е превземен од МАКФАКС.