(Видео) Општините да се вклучат во интеграција на Ромите и решавање на предизвиците со кои се соочуваат

„Денес е Меѓународниот ден на човековите права. Се радувам што со оваа денешната конференција ја испраќаме пораката за еднаквост во правата, слободата и пристапот до ресурси на сите граѓани, вклучително и Ромите“, рече министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, на конференцијата „Промовирање добро владеење и зајакнување на Ромите на локално ниво“. Конференцијата е организирана од Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје и тимот на Роми и патници од Стразбур, во тесна координација со Министерството за труд и социјална политика и Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија.

Градоначалниците на општините Берово, Битола, Прилеп, Кочани, Штип, Струмица, Крива Паланка, Шуто Оризари, Гостивар, Кичево, Тетово, Дебар, Велес, Виница и Делчево, а кои вклучени во втората фаза од имплементацијата на програмата РОМАКТЕД II, денеска потпишаа меморандум за разбирање помеѓу Советот на Европа и Министерството за труд и социјална политика.

Според министерката Шахпаска, програмата РОМАКТЕД II е дизајнирана за да гради политичка волја и одржлив ангажман на политиката на локалните власти, а нејзината цел е да го зајакне демократското локално управување, да изгради капацитет и да го стимулира зајакнувањето на локалните ромски заедници. Во таа насока, смета Шахпаска, вклучувањето на единиците на локалната самоуправа во интеграцијата на Ромите на локално ниво е клучно за полесно и побрзо адресирање и решавање на реалните проблеми и предизвици со кои се соочува оваа група граѓани.

„Нашите пријатели Роми го збогатуваат спектарот на различности во нашето општество и со својата различност креираат нови предизвици. Јакнењето на Ромите преку обуки, градење вештини и капацитети и нивно организирано вмрежување придонесува за решавање на проблемите во локалната заедница.

Затоа е неопходно подобрување и зголемување на посветеноста на институциите, капацитетите, знаењето и вештините за вклучување на Ромите применувајќи ги концептите на добро управување. Локалните политики кои ја таргетираат ромската заедница се во тесна врска со централните политики за унапредување на животот на ромската заедница. Притоа не само Министерството за труд и социјална политика туку и Министерството за локална самоуправа и Министерство за образование и наука се клучни актери за стратегиите за Ромите“, рече министерката Шахласка.

Таа смета дека Република Северна Македонија во регионот, па и пошироко, стана пример за земја со традиционално меѓуетничка и меѓурелигиска толеранција и земја во која се почитуваат разликите.

„Тоа го постигнавме преку политики што обезбедуваат еднаков степен на вклученост и интеграција на сите етнички заедници. Впрочем, тоа е концептот едно општество за сите, што го промовира Владата на Република Северна Македонија и кој стана општоприфатен во земјата. Подготовката на заеднички локални планови, јакнење на капацитетите на претставниците на советите на општините, поддршката на локалниот развој, ќе придонесат за успешни политики за инклузивност. Како заедничка програма на Советот на Европа и Европската комисија, РОМАКТЕД ќе промовира добро владеење и јакнење на Ромите на локално ниво“, рече Шахпаска.

Програмата РОМАКTЕД II е продолжување на РОМАКTЕД I, а Министерството за труд и социјална политика успешно ја спроведе и РОМЕД-програмата, со што ја внесе Република Северна Македонија на листата на земји со најуспешна имплементација на таа програма.

Текстот (Видео) Општините да се вклучат во интеграција на Ромите и решавање на предизвиците со кои се соочуваат е превземен од МАКФАКС.