(Видео) Орден „8 Септември“ од Пендаровски за Стојан Андов и пратениците од првиот пратенички состав

Претседателот Стево Пендаровски, по повод 8 Септември, Денот на независноста, ги одликуваше Стојан Андов, прв претседател на првото повеќепартиско собрание и пратениците во Собранието на Република Македонија во мандатниот период од 1990 до 1994 година, со Орден „8 Септември“.

Стојан Андов се одликува со Орден „8 Септември“ за неговото политичко делување како прв претседател на првото повеќепартиско собрание при што остави неизбришлив белег во процесот на градење на македонската парламентарна демократија, како и за неговиот значаен придонес кон донесување на неопходните државотворни акти и документи со кои јасно се трасираше патот за изградба на самостојна и независна држава.

Пратениците во Собранието на Република Македонија во мандатниот период од 1990 до 1994 година се одликувани со Орден „8 Септември“ за донесувањето на државотворните акти и документи кои јасно ја изразуваа вековната желба на македонскиот народ и на останатите етникуми за изградба на самостојна држава притоа уважувајќи ги сите граѓани без разлика на етничката или верската припадност, како и за изборот на првиот претседател и првата Влада, за распишувањето на референдум за независност и за усвојувањето на првиот устав, химна и знаме со што се удрија темелите на независна и суверена македонска држава.

Орденот „8 Септември“ во името на пратениците во мандатниот период од 1990 до 1994 година го примија Никола Стојановски, првиот претседавач со конститутивната седница на првото повеќепартиско собрание и Фадил Зендели, потпретседател на Собранието на Република Северна Македонија, на свечена церемонија во Кабинетот на Претседателот.

Поради состојбата со пандемијата од Ковид-19, а имајќи ја предвид неговата возраст, орденот на Стојан Андов му беше врачен од страна на претседателот Пендаровски во неговиот дом, а на денешната церемонија беше прикажан видео материјал од овој чин.

Во своето обраќање на церемонијата, претседателот Пендаровски оцени дека со донесувањето на Уставот, воведувањето на денарот како национална валута, усвојувањето на неколку битни системски закони, носењето на едногласната одлука за членство на нашата држава во НАТО и во Европската Унија, првиот повеќепартиски пратенички состав не само што ги постави основите за изградба на нов правен, политички и економски систем, туку го започна и процесот на демократска консолидација на младата држава.

„Верувам дека освен со Орденот „8 Септември“ нашата благодарност кон првиот пратенички состав можеме да ја искажеме и на еден многу посуштествен начин. А тоа е ако го следиме вашиот пример и преку политичко и граѓанско помирување, одново постигнеме единство околу најважните прашања за иднината на Република Северна Македонија. Ова е неопходно за да покажеме политичка зрелост каква што доликува на држава-членка на НАТО, која чека датум за почеток на преговори за членство во Европската Унија. Но, уште поважно, ова од нас, актуелната генерација политичари го очекуваат македонските граѓани за чии што интереси сигурно не работиме ако во политичката арена, приоритет ни се само нашите лични и партиски интереси, наместо националните и државните“, рече претседателот Пендаровски на свечената церемонија одржана во Кабинетот на Претседателот.

Текстот (Видео) Орден „8 Септември“ од Пендаровски за Стојан Андов и пратениците од првиот пратенички состав е превземен од МАКФАКС.