(Видео) „Отворен Балкан“ – Вучиќ ги пречека Рама и Димитров

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска е домаќин на премиерот на Албанија, Еди Рама, и на вицепремиерот на Македонија, Никола Димитров.

Средбата во Палатата „Србија“ се одржува во рамките на иницијативата за соработка, наречена „Отворен Балкан“. По тој повод, Вучиќ на „Инстаграм“ порача дека „Отворен Балкан“ е историска одлука.

Инаку, како што е најавено, Вучиќ, Рама и Димитров првин ќе разговараат со претставници на компании од Србија, Албанија и Северна Македонија. Потоа следува средба на тројцата функционери со претставници на Атлантскиот совет, па ќе се одржи средба на тројцата функционери, по што Вучиќ, Рама и Димитров ќе се обратат пред медиумите.

Иницијативата за отворен Балкан е економска зона формирана од три регионални земји – Албанија, Северна Македонија и Србија – и има цел да ги зголеми трговијата и соработката, како и да ги подобри билатералните односи.

На 10 октомври 2019 година Вучиќ, Рама и македонскиот премиер, Зоран Заев, почнаа иницијатива, која неформално беше наречена „Мал шенген“, а која беше поддржана од Европската Унија и САД.

Оригиналното име на иницијативата „Мал шенген“ беше сменето во „Отворен Балкан“ на крајот на јули на состанокот во Скопје, на кој присуствуваа лидерите на трите земји – Александар Вучиќ, Еди Рама и Зоран Заев.

На таа средба беше договорено граничните контроли меѓу трите земји да бидат укинати од 1 јануари 2023 година, а беа потпишани три документи – меморандум за разбирање за соработка во олеснување на увозот, извозот и движењето на стоки во Западен Балкан; меморандум за разбирање за соработка за слободен пристап до пазарот на труд во Западен Балкан; и договор за соработка во заштитата од катастрофи на Западен Балкан.

Текстот (Видео) „Отворен Балкан“ – Вучиќ ги пречека Рама и Димитров е превземен од МАКФАКС.