(Видео) Пендаровски: Имунизацијата е клучниот фактор за излез од кризата

/

Несомнено имунизацијата е клучниот фактор за излез од кризата и во тој процес не смее да се дозволи забавена динамика и нерамномерна дистрибуција на вакцините, порача претседателот Стево Пендаровски на првата годишна конференција „Скопје економски и финансиски форум“ на тема „Економско заздравување и раст по Ковид“, организирана од Министерството за финансии.

Во обраќањето, освен ударите врз економијата, претседателот Пендаровски ги нотираше и предизвиците наметнати од пандемијата на Ковид-19 во однос на политичката стабилност и довербата во институциите, во однос на управувањето и владеењето на правото и солидарноста на побогатите кон посиромашните. Тој порача дека како поединечни држави не сме изолирани енклави и дека е потребно заедничко делување на глобално ниво.

Пендаровски рече дека глобалната економија сè уште е многу фрагилна, а предизвиците се големи.

„За разлика од лани, општата економска прогноза е подобрена, иако, закрепнувањето, според очекувањата се одвива бавно“, изјави претседателот Пендаровски.

Тој се осврна и на нашата економија, за која рече дека не е исклучок од светските трендови и ги посочи донесените мерки, чија цел беше да се минимизираат загубите во економијата и да им се помогне на најзагрозените сектори.

„Јасно е дека загубите се огромни и ќе треба време за закрепнување на македонското стопанство, кое и пред пандемијата не беше во завидна состојба. Но, она што е значајно е дека веќе имаме доволно информации и анализи за да процениме кои одлуки биле погрешни и не треба да се повторуваат, а кои продуцирале позитивни ефекти“, оцени Претседателот во обраќањето.

Претседателот Пендаровски истакна дека нашето членство во НАТО, освен безбедносната компонента, на среден и на долг рок се очекува да резултира и со поголема економска стабилност и предвидливост, како и нови перспективи во инвестиционата сфера.

Говореше и за застојот во нашата ЕУ интеграција, при што нагласи дека е предизвикан од блокада, чии аргументи се во спротивност со вредностите што ги претставува Европската Унија како концепт. Претседателот порача дека патот кон полноправно членство во ЕУ е приоритет затоа што за европските вредности и за принципите на кои почива заедничкиот европски пазар, за нас, не постои подобра алтернатива.

Текстот (Видео) Пендаровски: Имунизацијата е клучниот фактор за излез од кризата е превземен од МАКФАКС.