(Видео) Пешачејќи десетици, па и илјадници километри, климатските активисти пристигнаа во Глазгов

Стотици активисти, поборници за климата, дојдоа во Глазгов за да извршат притисок врз светските лидери да дејствуваат за заштита на климата еден ден пред Самитот за климата, состанок клучен за иднината на планетата.

Многумина од нив пристигнаа пешачејќи десетици, па дури и илјадници километри, означувајќи го почетокот на митинзите кои се одржуваат истовремено со климатската конференција на ОН, која завршува на 12 ноември во тој шкотски град.

Синоќа, младата шведска активистка Грета Тунберг пристигна со воз во Глазгов, откако еден ден претходно присуствуваше на митингот на млади еколошки активисти во Лондон против улогата на финансиските институции во климатската криза.

Демонстрантите, кои пристигнаа од Шпанија, Белгија и самата Шкотска, претходно маршираа низ центарот на градот носејќи транспаренти со слогани „Ајде да дејствуваме сега“, „Акции, а не зборови“ и „Стоп за фосилната енергија“.

На самитот треба да присуствуваат повеќе од сто лидери, меѓу кои и Американецот Џо Бајден и францускиот претседател Емануел Макрон.

Се очекува да пристигнат и илјадници климатски активисти од целиот свет. Организаторите проценуваат дека ќе има околу 100.000 на големиот собир закажан за петок.

Шкотската полиција соопшти дека околу 10.000 полицајци ќе бидат распоредени на улиците на Глазгов секој ден за време на Самитот, и тоа ќе биде најголема операција за спроведување на законот досега организирана во Шкотска.

Текстот (Видео) Пешачејќи десетици, па и илјадници километри, климатските активисти пристигнаа во Глазгов е превземен од МАКФАКС.