(Видео) Специјалци и блиндирани возила на два премина на северот на Косово, Србите вознемирени

Блиндирани возила и специјални сили од утрово се распоредени на два административни премина на северот на Косово, јавуваат медиумите во регионот.

Игор Симиќ од Српската листа вели дека Србите од Косово се лути поради потегот на Приштина да испрати единици на „Роса“ на административните премини Јариње и Брњак.

Тој во настап на еден од регионалните медиуми рече дека Србите од Косово се длабоко вознемирени затоа што Приштина испратила преку 20 возила, со специјални сили вооружени до заби. Според него, тие се лути и во моментов возат кон административните премини на Јариње и Брњак.

Според последните информации што ги пренесе Симиќ, во моментов има околу 300 српски возила во Јариње и повеќе од 100 на административниот премин Брњак.

„Двете сообраќајни ленти се блокирани, сообраќајот е блокиран“, рече тој и додаде дека утрово се одржале итни консултации со членовите на Српската листа.

„Ги повикуваме нашите граѓани да бидат воздржани и да не станат жртви на провокации, бидејќи ова е провокација на Приштина, претпоставуваме дека на Србите ќе им биде ограничена слободата на движење со одземање регистарски таблички од Србија“, рече Симиќ.

Тој посочува дека апелира за смиреност, но дека има се повеќе граѓани и дека тие се „лути“.

„Веќе има 300 српски возила на Јариње, а повеќе од 100 на Брњак“, додаде тој.

Српските граѓани велат дека дошле мирно да го искажат своето незадоволство од одлуката на Приштина да ги замени регистарските таблички и дека единиците на „Роса“ први го блокирале патот и ги исплашиле граѓаните со пушките и долгите цевки по целиот пат до Митровица.

„Од Роса се бара да се растера. Во моментов има голема напнатост во Јариње“, објавија граѓаните.

Во меѓувреме медиумите известуваат дека е објавен документ што го предизвика хаосот на Косово.

Медиумите јавуваат дека косовската влада одлучила да воспостави реципроцитет со Србија во врска со регистарските таблички на возилата, а во документот потпишан од министерот за внатрешни работи, се наведува дека од сите оние со српски регистарски таблички се бара да добијат пробни косовски регистерски таблички.

Текстот (Видео) Специјалци и блиндирани возила на два премина на северот на Косово, Србите вознемирени е превземен од МАКФАКС.