(Видео) Стоилковски: Заев со поткупи, уцени и закани се обидува да остане на власт

Наум Стоилковски, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната прес конференција истакна дека срамно и недостоинствено и на веќе познат начин, Зоран Заев повторно го гази Собранието за со поткупи, уцени и закани да се обиде да остане на власт!

„За жал, се повторуваат сценаријата со притисоци врз пратеници, овој пат потпишани на иницијативата за изгласување недоверба на актуелната влада. Информациите се дека тие притисоци се интензивни и дека не се штедат ниту во злоупотребите, ниту во непристојните понуди. Зоран Заев не знае поинаку, тоа веќе беше видено во Собранието, а со тој начин на режимско делување сведочевме и за време на изборниот процес. Но, веруваме и дека, како што граѓаните се одважија и на избори го испратија Заев и СДСМ во историјата, така и потписниците на иницијативата за гласање недоверба на власта ќе се одважат да се издигнат над непристојните предлози и над заканите, затоа што за нив, како опозициски пратеници, ништо не е поважно од јасно изразената волја на гласачите. Впрочем, на лагите на Зоран Заев повеќе никој не верува“, рече Стоилковски.

Како опозиција, додаде Стоилковски, ги регистрираме и собираме сите вакви наводи, докази, сите непристојни предлози од Заев и неговата свита во заминување, сите злоупотреби на функции и институции, правени само и само Зоран Заев да не се соочи со волјата на граѓаните.

„Како партија и како коалиција за рушење на оваа власт, веруваме во чесноста на потписниците на иницијативата, и во нивниот јасно изразен став – дека актуелната власт не може да се справи со кризите коишто сама ги предизвика. Никој од потписниците на листата од новото мнозинство во парламентот не верува дека власт предводена од СДСМ треба да остане на чело на државата. Впрочем, повеќе не се работи само за политика, туку се работи за решавање надоаѓачките страшни кризи. Зоран Заев е извор на кризите, а не е решение пред кризите и наспроти притисоците, тоа ќе биде одлучувачки мотив во четврток“, нагласи портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.

Текстот (Видео) Стоилковски: Заев со поткупи, уцени и закани се обидува да остане на власт е превземен од МАКФАКС.