(Видео) Страшна трагедија во Бугарија: Автобус со македонски таблички се запали на автопатот Струма- има најмалку 45 загинати патници

//

Најмалку 45 лица загинаа во сообраќајна несреќа на автопатот „Струма” кај селото Боснек во Бугарија, кога се запалил автобус со македонски таблици што сообраќал на релација од Истанбул до Скопје.

Преживеаните 7 патници се наоѓаат во софиската болница за итна помош „Пирогов“ и во моментот се надвор од животна опасност.

Автобусот влегол во Бугарија од Турција преку ГП „Капитан Андреево” нешто по 21 часот, а несреќата се случила околу 02 часот на автопатот „Струма” на правецот Софија – Благоевград.

Како што изјави за бугарските медиуми началникот на Пожарникарската служба Николај Николов, во автобусот патувале 53 лица. Загинале 45, а останатите се пренесени во болница. Автобусот е опожарен, а на местото на несреќата се уште се птотивпожарни екипи и медицински тимови.

Сочувство за загинатите изрази премиерот Зоран Заев, кој бил информиран за несреќата од неговиот бугарски колега премиерот Стефан Јанев.

Заев кој веќе е на пат кон Софија за да ги посети преживеаните, во изјави за бугарските медиуми изрази сочувство за загинатите во сообраќајката,

„Не знаеме дали се македонски државјани, но претпоставуваме дека се Македонци. Ги известив македонските служби да ги подготват нашите екипи и да пристигнат на местото. Одам во Бугарија да ги посетам луѓето во болницата. Трагично е што меѓу жртвите има и деца. Ќе им бидеме многу благодарни на бугарските власти доколку ги откријат причините за инцидентот и ги споделат со Северна Македонија. Сигурно граѓаните на Бугарија и Северна Македонија ќе сакаат да знаат што се случило. Знаеме дека ова е голем пожар и дека поради него загинаа луѓе, но дали избувнал во сообраќајна несреќа или избувнал пред или поради несреќата, тоа ќе го кажат експертите. Голема трагедија, голема е нашата болка и сочувство до семејствата на загинатите. Господ да им ги упокои душите и да се молиме за добро здравје на преживеаните. Првичните информации се дека се враќале од патување од Истанбул“, вели Заев.