(Видео) Тасевска: За 10 месеци отворивме 13 детски градинки, ги зголемивме платите на вработените

Според пратеничката Лидија Тасевска, од владејачката СДСМ, грижата за најмладите е врвен приоритет на владата.

Ова, како што рече Тасевска, се потврдува со фактот дека од септември 2020 година до сега, за само десет месеци биле отворени 13 нови детски градинки, а со тоа како што рече, бил зголемен и капацитетот на сместување за 840 деца.

„До крајот на оваа година ќе бидат отворени уште 12 нови градинки и со тоа капацитетот ќе се зголеми за дополнителни 1.390 места. За нас секое дете е еднакво важно, затоа подеднакво инвестираме во нови објекти за детска заштита и во урбаните и во руралните средини. За прв пат децата од општините Босилово, Кондово, Брвеница, Прдејци, Разловци, имаат можност да посетуваат градинка во своето место на живеење“, истакна Тасевска.

„Со вакво темпо се приближуваме кон исполнувањето на нашето ветување пред граѓаните , а тоа е опфат на 60% од децата во предучилишно воспитание и образование“, рече Тасевска.

Преку покачување на платите, како што нагласи пратеничката од СДСМ, се вратило достоинството на професијата воспитувач, која што според Тасевска, била заборавена години наназад.

„Ги покачивме платите на вработените во детските градинки во нашата држава за 21%, што е најголемо до сега“, рече таа. Додаде дека нејзината партија ќе продолжи да работи на унапредување на раниот детски развој којшто е клучен за понатамошниот развој на секое дете.

Текстот (Видео) Тасевска: За 10 месеци отворивме 13 детски градинки, ги зголемивме платите на вработените е превземен од МАКФАКС.