Владата прогласи едномесечна кризна состојба во енергетскиот сектор

Владата на денешната седница донесе одлука за прогласување на кризна состојба во енергетскиот сектор во траење од 30 дена на барање на Комисијата за следење на состојбите со снабдување со електрична енергија, формирана од Министерството за економија.

Министерот за економија, Крешник Бектеши, рече дека засега не гледа конкретна одговорност за енергетската криза во директорорт на ЕСМ, Васко Ковачевски, ниту кај директорот на РЕК Битола.

Тој напомена дека Владата го задолжила Управниот Одбор на ЕСМ да испита какви мерки се преземени од страна на ЕСМ за решавање на енергетската криза и дали се работело според плановите, а за одговорност рече дека би се барала откако тој извештај ќе биде доставен до Владата.

„Мое лично мислење е дека има одговорност, но најпрво да се справиме со енергетската одговорност, а потоа ќе реагираме за личната одговорност“, изјави Бектеши.

Како што информираше министерот, одлуката за кризна состојба е донесена врз основа на процената на Комисијата дека постои ризик од настанување на кризна состојба поради недостиг на електрична енергија и состојбата на пазарот на електрична енергија, врз основа на извештајот изготвен од МЕПСО, за проценката на стабилноста на македонскиот електроенергетски систем за последниот квартал на оваа година.

Текстот Владата прогласи едномесечна кризна состојба во енергетскиот сектор е превземен од МАКФАКС.