Владините партнери против оставката на Заев, ја потврдија стабилноста на парламентарното мнозинство

Парламентарното мнозинство е стабилно и одговорно кон иднината на државата и народот, се согласиле коалициските партнери по синоќешната средба со премиерот Зоран Заев.

Од Владата соопштија дека сите партнери од парламентарното мнозинство биле присутни на средбата и ѝ изразиле поддршка на Владата.

Притоа заеднички било констатирано дека на Северна Македонија и на граѓаните на земјата не им се потребни предвремени парламентарни избори и дека такви избори единствено би ја втурнале земјата во политичка, економска, општествена и безбедносна криза, но исто така ќе ги закочат и процесите на европските интеграции на Северна Македонија.

„Коалициските партнери од парламентарното мнозинство се едногласни дека на Северна Македонија ѝ е потребна Влада што испорачува резултати од интерес на граѓаните, особено во време на пандемијата и енергетска криза, со јасен евро-атлантски курс на дејствување“, се наведува во владиното соопштение.

По средбата, генералниот секретар на ДУИ, Артан Груби, изјави дека сите коалициски партнери дале поддршка на политиките на Владата, на премиерот Зоран Заев и на цела владина коалиција за продолжување со европската и реформската агенда и немало сомнеж во парламентарното мнозинство од ниту еден учесник на состанокот.

„Сите партнери што учествуваат во Владата беа апсолутно против оставката на премиерот Заев, затоа што сметаме дека таа беше избрзана и дека тој треба да продолжи со предводењето на Владата и спроведувањето на политиките, затоа што тоа го очекуваат граѓаните“, изјави Груби.

Нагласи дека ова беа локални, а не парламентарни избори.

Генералниот секретар на Беса, Арјанит Хоџа, по состанокот изјави дека средбата уште еднаш покажала дека владиното мнозинството е стабилно и дека треба да продолжи.

„Сите се согласивме дека какви било процеси што би воделе кон предвремени парламентарни избори ќе бидат многу проблематични, тешки и за економската, социјалната и безбедносната ситуација во државата. Затоа сите едногласно сме против организирањето на предвремени избори“, истакна Хоџа.

Пред средбата, лидерите на ДОМ и на ЛДП, Маја Морачанин и Горан Милевски, порачаа дека двете партии остануваат дел од парламентарното мнозинство и дека не поддржуваат одржување на предвремени парламентарни избори.

И лидерот на НСДП, Тито Петковски, изјави дека не треба да има предвремени парламентарни избори, туку дека актуелната Влада треба да си продолжи со работа.

Според Петковски, мора да се разграничи што се локални, а што парламентарни избори доколку сакаме демократска држава.

Текстот Владините партнери против оставката на Заев, ја потврдија стабилноста на парламентарното мнозинство е превземен од МАКФАКС.