ВМРО-ДПМНЕ: Оваа влада нема капацитет да се справи со енергетската криза во која сами не втурнаа

Владата купува струја за 210 евра од мегават, а може да ја произведува 4 пати поефтино, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

„5.5 милиони евра колку што изнесува набавката на 26.000 мегавати струја се пари, со кои доколку се употребеа за домашно производство ќе се произведеше 4 пати повеќе струја или над 100.000 мегавати. Владата наместо како сега да дава 5.5 милиони евра за купување на екстремно скапа струја, можеше истите овие пари на време да ги инвестира во РЕК, да се наполни депонијата со јаглен и да произведува струја од домашни капацитети. Но наместо инвестиции во РЕК, власта тераше тендери со РЕК. Сега на прагот на зимата јаглен на депонијата има само за два три дена“, пишува во соопштението од партијата на Христијан Мицкоски.

Ваквото расипништво на власта, се додава во напишаното, е пример како не треба да се управува со енергетските ресурси на државата.

„Оваа влада нема капацитет да се справи со енергетската криза, во која сами не втурнаа, потребни се промени, ВМРО-ДПМНЕ знае како да ја извлече државата од енергетски колапс“, стои во напишаното од ВМРО-ДПМНЕ.

Текстот ВМРО-ДПМНЕ: Оваа влада нема капацитет да се справи со енергетската криза во која сами не втурнаа е превземен од МАКФАКС.