ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ е партија која владее заради остварување на личните и партиските интереси

Според опозициската ВМРО-ДПМНЕ, партијата на власт, владее заради остварување на личните и партиските интереси, а не за интересите на Македонија и на народот. Тоа, како што наведуваат во пишаната реакција, го признава и самиот потпретседател на СДСМ, Перо Костадинов кој самиот изјавил дека „Се наоѓаме во период кога партиските интереси и кога личните интереси мора да се стават над државните интереси и навистина сум човек кој го протежира тоа“.

„И дека не е ова само лапсус, туку потсвесно признание говорат фактите. СДСМ заради бизнис интересите на фирмите врзани со партијата дозволи Македонија да западне во најтешка енергетска криза. Заради криминалот, корупцијата и личното богатење на функционерите во власта народот потона во сиромаштија и сме најкорумпирана држава, најсиромашната земја во Европа и сме најнесреќна нација. Заради провизии и бизниси на власта најлошо се справуваме со здравствената криза и сме црни рекордери по смртност во светот и Европа“, стои во писмениот допис.

Според ВМРО-ДПМНЕ, признанието на Костадинов е само потврда на тоа кое што сите го знаат, дека СДСМ, како што велат, се водат исклучиво од личниот и партискиот интерес.

„Тоа го правеа и го прават Заев и пиунот Ковачевски,тоа го прават и останатите функционери на СДСМ. Тие се сметаат како елита која природно треба да владее на грбот на граѓаните“, е потенцирано од страна на ВМРО-ДПМНЕ.

Текстот ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ е партија која владее заради остварување на личните и партиските интереси е превземен од МАКФАКС.