Вработена во лабораторија во Тајван била касната од глушец заразен со коронавирус, 100 лица во карантин

Тајванските власти спроведуваат истрага бидејќи вработена во лабораторија била позитивна на коронавирус откако била касната од глушец заразен со тој вирус.

Случајот на една од главните лаборатории во Тајван, ги разбранува духовите, бидејќи бројот на заразени со Ковид-19 на тој остров е многу мал.

Здравствените власти потврдија дека работничката била касната двапати од глушец заразен со коронавирусот, а потоа и таа станала позитивна. Сепак, сè уште не е јасно докажано дека била заразена со каснување, но постои основано сомневање дека тоа е таков случај.

Министерот за здравство на Тајван, Чен Ши-Чунг, рече дека е голема веројатност жената да е заразена на тој начин, бидејќи преносот на вирусот во заедницата речиси и да не постои, пренесуваат агенциите.

Жената која била позитивна не патувала одамна, а била вакцинирана со вакцината на „Модерна“. Таа работи во лабораторија која е класифицирана на високо ниво на биолошка безбедност.

Околу 100 луѓе кои биле во контакт со неа морале да бидат ставени во карантин.

Тајван, со население од 23 милиони, ја има една од најниските стапки на инфекција со коронавирус. Досега се пријавени нешто повеќе од 16.700 случаи, а починале 848 лица.

Текстот Вработена во лабораторија во Тајван била касната од глушец заразен со коронавирус, 100 лица во карантин е превземен од МАКФАКС.