Заев ја смени изјавата: Српскиот државјанин е меѓу преживеаните патници

Меѓу преживеаните патници во трагичната несреќа во Бугарија е и српскиот државјанин за кого претходно премиерот Зоран Заев изјави дека е меѓу загинатите.

„Единствениот српски државјанин што бил во автобусот што изгоре во Бугарија е Љуљзим Сулејмани од Прешево и тој е меѓу седумте преживеани патници, како и неговата свршеница од Куманово, со која отишол на патување во Истанбул“, изјави Зоран Заев за „Курир“.

Тој додаде дека имал можност да разговара со еден од преживеаните, кој му рекол дека се слушнала страшна експлозија.

„Успеаја да скршат еден прозорец и да спасат неколку луѓе. За жал, другите не успеаја. Тоа е страшна трагедија бидејќи најголем број жртви се млади луѓе: дванаесет деца на возраст до 18 години, а други на возраст од 20 до 30 години“, рече тој.

Тој тврди дека државјанинот на Србија е од Прешево, кој со својата свршеница од Куманово отпатувал за Истанбул.

„Седум лица ја преживеаја оваа трагедија, фала богу, меѓу преживеаните е и Љуљзим Сулејмани од Прешево“, вели Заев.

Македонскиот премиер за бугарската агенција „Фокус“ изјави дека меѓу жртвите има и белгиски државјанин, а сите тие информации ги видел во списокот со патници. Според него, патниците биле на возраст од 40 до 50 години, а најмладата жртва била 16-годишна девојка.

Тој додаде дека седумте преживеани патници спиеле во задниот дел од автобусот, а кога се случила несреќата, го пробиле прозорецот, скокнале од автобусот и така се спасиле.

Српскиот амбасадор во Бугарија, Жељко Јовиќ, истакна дека нема потврда оти има повредени државјани на Србија.

„Нема потврда дека има наши жртви. Никој нема официјална информација дека има српски државјани“, изјави Јовиќ за телевизијата „Прва“ и ја повика јавноста да почека официјални информации.

Текстот Заев ја смени изјавата: Српскиот државјанин е меѓу преживеаните патници е превземен од МАКФАКС.