Заев – Линде: Јасна поддршка од Шведска за европските аспирации на Северна Македонија

Премиерот Зоран Заев, придружуван од вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, се сретна со Aн Линде, министерката за надворешни работи на Шведска и актуелен претседавач со ОБСЕ.

Како што информираат од владината прес-служба, на состанокот била пренесена јасна поддршка од Шведска за европските аспирации на нашата држава, бидејќи како што било констатирано, државата успешно ги сработила реформите што биле нотирани како обврска од европската агенда.

„Комплетно ја спроведуваме европската агенда внатре во државата и променивме многу работи на подобро во квалитетот на животот на граѓаните. Цврсто сме определени да продолжиме да бидеме пример на држава секогаш насочена кон изнаоѓање решенија, бидејќи тоа е европски начин на однесување. Функционална Европска Унија е потребна не само на земјите членки на ЕУ и на Западен Балкан, туку и на светот бидејќи станува збор за вредности коишто водат напред и за кои што сите треба да се заложуваат“, порачал Заев.

Шведската министерка Линде, се заблагодарила за денеска враченото постхумно признание за поранешната министерка за надворешни работи на Шведска, Анa Линд, за придонесот во меѓународното етаблирање на државава, а по повод 30-годишнината од независноста на нашата земја.

Текстот Заев – Линде: Јасна поддршка од Шведска за европските аспирации на Северна Македонија е превземен од МАКФАКС.