Заврши 34. издание на Саемот на книгата, го посетиле над 23.000 посетители

Вчера, заврши 34. издание на Саемот на книгата, кој првпат по две години се врати во својот редовен пролетен термин. Саемот на книгата ја надмина вообичаената посета од страна на читателите и се враќа во сопствениот сјај. Заклучно со вчерашниот, последен ден, саемот го посетија 23.800 посетители, информираа организаторите.

„Сме организирале многу саеми, големи, гламурозни, технолошки напредни, но токму овој саем, Саемот на книгата, остана да нè вреднува слично на Хамлетовото „да се биде или не?“ Не ни беше тешко да ја преместуваме манифестацијата, да ја организираме под маски, со сертификати, без сертификати, но во овие времиња не е важна формата, конечно. Ќе дојде време ќе посветиме внимание и на формата, но најважно беше манифестацијата да опстои! Со книга докажавме дека може да ги победиме сите премрежиња“, изјави Даниела Глигоровска, извршен директор на „Глобал медија гроуп“.

На саемот се претставија над 60 издавачки куќи од Македонија, Турција, Србија, Косово и од Албанија, а значајно претставување имаше и Министерството за култура и туризам на Република Турција. За време на саемот се доделија наградите во организација на Македонската асоцијација на издавачите и се организираа над 30 промоции во промотивниот центар.

Саемот на книгата се организира под покровителство на Министерството за култура на Македонија.

Текстот Заврши 34. издание на Саемот на книгата, го посетиле над 23.000 посетители е превземен од МАКФАКС.