Заврши поставувањето на последната цевка од гасоводот „Северен тек 2“

Последната цевка од гасоводот „Северен тек 2“ е заварена во Балтичкото Море по што ќе биде спуштена на морското дно, објави денеска „Норд стрим 2 АГ“, проект-оператор на гасоводот „Северен тек 2“, додавајќи дека планира да го пушти во функција гасоводот до крајот на годинава.

„На 6 септември 2021 година специјалистите на бродот за поставуање цевки ‘Фортуна’ ја заварија последната цевка од двата крака на гасоводот ‘Северен тек 2’. Цевката со број 200.858 ќе биде спуштена на морското дно во германските територијални води.

Како следен чекор, делот од цевката што доаѓа од германскиот брег ќе биде поврзан со делот што доаѓа од данските води во т.н. надводно поврзување. Потоа ќе се спроведат потребните активности пред гасоводот да се стави во функција пред крајот на оваа година“, се вели во соопштението на компанијата.

„Норд стрим 2 АГ“ посочи дека „Северен тек 2“ ќе придонесе за задоволување на долгорочните потреби на европскиот енергетски пазар за увоз на гас, како и за подобрување на безбедноста и сигурноста во снабдувањето и обезбедување гас под разумни економски услови.

Проектот „Северен тек 2“ предвидува изградба на два гасовода со вкупен капацитет од 55 милијарди кубни метри годишно од брегот на Русија преку Балтичкото Море до Германија. Работите беа прекинати во декември 2019 година откако швајцарскиот „Олсиз“ го напушти поставувањето цевки поради можни санкции од САД.

Во декември 2020 година изградбата на гасоводот продолжи.

Текстот Заврши поставувањето на последната цевка од гасоводот „Северен тек 2“ е превземен од МАКФАКС.