Зеленски ги прозва Нестле и Швајцарија: Компанијата одговори

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја повика Швајцарија да се справи со руските олигарси кои, како што рече, помагаат да се води војна против неговата земја за безбедноста на прекрасните швајцарски градови.

Зеленски преку аудиолинк им се обрати на илјадниците луѓе кои присуствуваа на антивоениот протест во Берн, ѝ се заблагодари на Швајцарија за поддршката, но и даде јасни коментари за тоа што мисли за швајцарскиот финансиски сектор, пренесува Ројтерс.

„Во вашите банки лежат парите на луѓето кои ја започнаа оваа војна. Ако сакате да се борите против злото, замрзнете ги нивните сметки! Можете да го направите тоа“, им рекол тој на швајцарските власти.

„Украинците чувствуваат како е кога нивните градови се уништуваат. И тие градови се уништуваат по налог на луѓето кои живеат во прекрасните швајцарски градови, каде што имаат недвижен имот. Би било навистина добро да се одземе оваа привилегија“, рече Зеленски.

Зеленски, исто така, ги критикуваше компаниите со седиште во Швајцарија кои продолжуваат да работат во Русија. Тој особено го издвои прехранбениот гигант Нестле. „Слоганот на компанијата е добра храна, добар живот. Бизнисот во Русија функционира иако нашите деца умираат и нашите градови се уништуваат“, рече тој.

Нестле одговори

Портпаролот на Нестле изјави за Би-Би-Си дека компанијата „презеде чекори без преседан за значително намалување на бизнисот во Русија, вклучително и запирање на целиот увоз и извоз од земјата, освен основните прехранбени производи“.

„Во согласност со активностите на другите меѓународни прехранбени компании, донесовме тешка одлука да продолжиме да обезбедуваме основна храна и пијалоци за рускиот народ и ќе продолжиме да ги поддржуваме нашите вработени во Русија“, се вели во соопштението, додавајќи дека Нестле не инвестира во земјава и не презема ништо за промовирање на продажбата на своите производи.

„Нашиот бизнис не носи никаков профит во земјата“, се додава.

Извор: Фактор.мк