„Звукот на ориентот“ – Марсел Калифе од Либан вечерва настапува во Филхармонија

Вечерва во 20 часот, оркестарот на Филхармонијата ќе го одржи концертот со наслов „Звукот на Ориентот“, на кој ќе настапи исклучителниот мајстор на уд, композитор и воклист Марсел Калифе од Либан. На програмата се авторски дела на Калифе, а концертот ќе го води маестро Лубнан Балбаки од Либан. Ќе настапи и хорот „Проарс“.

Марсел Калифе студирал уд (арапска лаута) на Националниот конзерваториум за музика во Бејрут и оттогаш тој вдахнува нов живот на овој специфичен инструмент. Традиционалното свирење на уд било ограничено од строгите изведувачки техники шт го одредувале начинот на свирење. Високоталентираните и надарени музичари, како Марсел Калифе, сепак можеле и успеале да го ослободат инструментот од тие ограничувања и со тоа значително да ги прошират неговите изведувачки можности. Во 1972 Калифе оформува музичка група во својот роден град Aмчит со цел да го оживее музичко наследство на арапската вокална хорска музика. Првиот настап им бил во Либан. Во 1976 се родил ансамблот „Ал Мајадин“. Збогатен со музичкото искуство од претходниот свој состав, гласноста на „Ал Мајадин“ отишла многу подалеку од Либан. Придружуван од својот музички ансамбл, Марсел Калифе почнал доживотно далекосежно музичко патување со настапи во арапските земји, Европа, САД, Канада, Јужна Америја, Австралија и Јапонија. Автор е на повеќе вокално-инструментални композиции, а неговото дуо за уд и контрабас било наградено од престижната Charles Cros Academy во Франција во 2017 година.

Делата на Марсел Калифе се критички позитивно оценети од арапскиот свет, но и насекаде во светот. Неговите креативност, иновативност, образовни и хуманитарни залагања, како и придонесот за промоција на културата и уметноста во арапскиот свет, се причината поради која добил многубројни награди во арапскиот свет и на меѓународно ниво. По добивањето на националниот медал за култура и уметност од Палестина во 2001 година, Калифе придонесува во финансискиот дел од наградата на Националниот конзерваториум за музика „Едвард Саид“ во Палестина. Оттогаш конзерваториумот организира музички натпревар кој го носи неговото име и им доделува финансиска поддршка на младите надарени музичари, за нивно континуирано музичко образование. Добитник е и на голем број други награди. Во 2005 година Марсел Калифе е назначен за уметник за мирот на УНЕСКО за неговите уметнички достигнувања и за својот хуманитарен придонес. Во 2008 година Калифе го основа Катарскиот филхармониски оркестар, каде што работи како музички директор и резиденцијален композитор.

Лубнан Балбаки е роден во 1981 година во Бејрут и е најмладиот редовен диригент во Либанскиот филхармониски оркестар. Во текот на целиот свој живот Балбаки бил опкружен од уметници од блиското семејство: сликари и музичари, кои ја создале инспиративната атмосфера што помогнала да се изгради неговиот музички пат. Музичкото патување на Балбаки почнува кога се запишал на часови по виолина на Националниот конзерваториум за музика на Либан во Бејрут на 12-годишна возраст. Неколку години подоцна тој го почнал своето академско патување на додипломски студии по музикологија на Универзитетот „Светиот дух“ во Каслик (УСЕК). Во 2009 дипломирал на одделот оркестарско диригирање на Академијата за музика „Георге Дима“, под менторство на маестро Петре Шбарцеа, во романскиот град Клуј-Напока, со акцент на изучување на одделот композиција со Шего Петер. Балбаки магистрирал во 2011 година на одделот за оркестарско диригирање на Националниот универзитет за музика во Букурешт, под менторство на д-р Хориа Андреску. Во 2017 ги почнал докторските студии, каде што тема на неговото истражување била психолошката врска помеѓу диригентот и оркестарот под менторство на д-р Дан Диу. Помеѓу 2018 и 2019 година Лубнан Балбаки добива уште една диплома по оркестарско диригирање на Универзитетот за музика и уметности во Виена (Австрија) со професор Јоханес Вилднер како негов ментор.

Од 2009 до 2011 бил дел и од одделот за културен менаџмент на Националниот универзитет за музика во Букурешт со проф. д-р Луција Континеску. Во 2012 година учествувал на мастер клас по културен менаџмент со поранешниот генерален секретар на Виенската опера, Јоан Холендер. Паралелно со своите студии, учествувал и на повеќе мастер класи по оркестарско диригирање со познати европски диригенти, како Курт Мазур, Колин Метерс, Конрад вон Абел и Кристијан Бадеа. Во 2013 е назначен за редовен диригент на Либанскиот филхармониски оркестар и го основал Националниот младински оркестар. Диригирал со оркестри, како Катарскиот филхармониски оркестар, Националниот радиооркестар на Букурешт, Филхармонискиот оркестар на Мексико Сити, Државниот симфониски оркестар на Истанбул, The 5 the Mayo од Мексико, филхармонискиот оркестар Queretaro од Мексико, Државниот филхармониски оркестар од Трансилванија, Државниот филхармониски оркестар во Сибиу-Романија и „Тимисоара“, Националната опера во Романија.

Иако диригирањето е неговиот примарен фокус, маестро Балбаки грижливо ги организира повеќето од своите изведби и има блиска комуникација со луѓето инволвирани во неговите проекти на сцената и надвор од неа. Откако ја почнал својата музичка кариера, Балбаки работи како музички советник и шеф диригент со Маџида ел-Руми и Марсел Калифе.

Текстот „Звукот на ориентот“ – Марсел Калифе од Либан вечерва настапува во Филхармонија е превземен од МАКФАКС.